Македонија

16 возачи приведени во едно деноноќие, повеќето возеле без дозвола

16 возачи приведени во едно деноноќие, повеќето возеле без дозвола
Фото: 4news.mk

Полицијата во текот на изминатото деноноќие лишила од слобода 16 возачи на различни локации низ државата поради сомнение за „безобѕирно управување возило“. Најголем дел од нив биле затекнати зад волан без возачка дозвола.

Меѓу приведените се А.Х. од Штип, Ј.Ф. од Прилеп, С.М. (38) и С.В. (23) од Кочани, Ј.К. (20) од Штип, 17-годишен малолетник од Долно Количани, скопско, Ф.В. (27) од Студеничани, скопско, како и Е.Б. (36), И.С. (34) и В.В. (18), сите од Скопје.

Од слобода биле лишени и Д.П. (20) и Б.Ј. (68) од Велес, Б.С. (33) од Куманово, како и 16-годишен малолетник од Новаке, тетовско. Според МВР, овие лица управувале возила без возачка дозвола.

Дополнително, полицијата го привела и В.Ј. (29) од Новаци, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило.

С.Р. (39) од Скудриње, општина Маврово и Ростуше, пак, бил лишен од слобода поради управување возило под дејство на алкохол.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни кривични пријави.

Од Министерството повторно апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, за време на изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни