Денешното судско рочиште за настаните од 27 април во Собрание е откажано, бидејќи обвинителката Вилма Русковска имала смртен случај и не се појавила на денешното рочиште.
Во меѓувреме се подготвува закон за амнестија, а обвинетите зборуваа дали ќе бидат опфатени со овој закон или ќе им се суди за отслужување соодветна казна.
Горан Ѓошевски, главен на обезбедувањето на екс претседателот на Собрание, рече дека за прашањето за амнестија за обвинетите за 27 април, и верува на Комисијата која се занимава со тоа прашање и нема намера да се меша во политичките одлуки.
Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека амнестијата се очекува да се спроведе преку Телото за помирување, но истакна дека амнестија за насилство не треба да има.
Од друга страна, Богдан Илиевски, обвинет за насилствата од 27 април, како организатор на протестот “За заедничка Македонија“ пред судот рече дека не може да ја коментира подготовката на законот за амнестија ниту пак може да дава прогнози дали ќе биде опфатен и тој.
Пратениците кои се обвинети за 27 април почнаа да ги повлекуваат доказите со кои требаше да биде докажана нивната невиност. Обвинетиот пратеник, Јохан Тарчуловски, ја повлече целосната листа со докази, додавајќи дека се што има ќе каже пред судот. Крсто Мукоски одредил двајца сведоци, додека Љубен Арнаудов се уште не се консултирал со својот адвокат.
На денешното рочиште требало да продолжи објавувањето на комуникациите, кои обвинетите ги оствариле преку смс пораки. На последните рочишта биле претставени смс пораки од мобилните телефони на неколкумина од обвинетите, меѓу кои и екс собранискиот спикер, Трајко Вељановски.
Во судот присутни биле сите обвинети, освен Сашо Марковски, за кого поради влошената здравствена состојба се води одвоена постапка. За настаните од 27 април обвинети се 3 лица, од кои 31 за дело “тероризам“ и двајца други за делото “поттикнување“.
Репортер: Аднан Ќаили
