На денешното судење во Кривичниот суд, за настаните во Собранието од 27 април минатата година, се прегледуваа видео-материјалите обезбедени од мобилниот телефон на обвинетиот Оливер Поповски. На овие снимки се гледа како толпата почнува да влегува во собранискиот прес-центар, каде се наоѓаа пратеници. Се слуша како присутните извикуваат „Убијте ги, гадови”, како и разни пцости.
Обвинителката Вилма Рускоска, го идентификуваше обвинетиот Игор Југ како во два наврати се фаќа за темно сив предмет, како и движењата на другиот обвинет Јане Ченто, кој во раката држи црвен чадор. Според обвинителката Русковска, на местото на кое стои пратеникот Зијадин Села се гледаат многу лица, кои замавнуваат кон него, повредувајќи го на десната страна од челото. Судскиот процес за настаните од 27 април продолжува утре.
