Над една третина од клиентите во Европската Унија (35,4%) пријавиле проблеми при онлајн купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат за 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, пак, проблеми со е-шопинг имале 29,41% од купувачите, што е под просекот на ЕУ.
Меѓу земјите на Унијата, најголем процент на корисници кои наишле на проблеми е забележан во Малта (64%), Холандија (57,9%) и Луксембург (51,4%). Најниски проценти се регистрирани во Португалија (4,5%), Грција (10,6%) и Летонија (13,3%).
Според истражувањето, најчест проблем на онлајн купувачите е бавната испорака на производите. Една петина од анкетираните (19,9%) се пожалиле дека стоките не стигнале во очекуваното време. Вториот најчест проблем е тешкото користење или незадоволителното работење на веб-страницата (11,5%), додека трет најчест проблем е испораката на неточни или оштетени стоки или услуги (10,4%).
Резултатите од Евростат покажуваат дека, и покрај растот на онлајн купувањето, голем број клиенти се соочуваат со технички и логистички предизвици кои влијаат врз искуството и задоволството од е-шопингот.
