Македонија

35 години независност: Најобразовани, најповрзани, а најмалку убедени дека имаат иднина дома

35 години независност: Најобразовани, најповрзани, а најмалку убедени дека имаат иднина дома

За 35 години од прогласувањето на независноста, Република Северна Македонија претрпе длабока демографска и социјална трансформација. Државата која ја започна својата сувереност како млада нација со половина милион млади луѓе, денес се соочува со драматично празнење, интензивна емиграција и стареење на населението. Според новиот аналитички документ за став подготвен од истражувачкиот тим на Младински Сојуз – Крушево (Youth Alliance), прашањето за младинските политики повеќе не е прашање на декларативна грижа или декор во политичките кампањи — тоа стана прашање на гол фискален и економски опстанок.

1. Демографски биланс: Земјата остари за една цела генерација

Според анализата на Младинскиот сојуз заснована на Пописите на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 1994 година во Македонија живееја околу 500.000 млади на возраст од 15 до 29 години, со што секој четврти граѓанин (25,7%) припаѓаше на оваа категорија. Пописот во 2002 година покажа слична бројка (494.000). Меѓутоа, Пописот од 2021 година ја откри суровата реалност: бројот на млади падна на 317.000, односно на само 17,3% од резидентното население.

Овој пад не е само природна демографска последица на намалениот наталитет. Најголемиот дел од овој дефицит е директен резултат на масовната емиграција. Оние што си заминуваат се токму во зенитот на својата образовна, работна и репродуктивна возраст, земајќи го со себе и следниот попис. Додека уделот на децата и младите паѓа, уделот на лицата над 65 години речиси се удвои (од 10,6% на 17,2%), а средната возраст на населението порасна од 32 на 40 години.

2. Три генерации — три различни искуства на истата држава

Истражувачите од Младинскиот сојуз укажуваат дека „младите“ во изминатите 35 години не беа хомогена група, туку три генерации со радикално различно искуство:

  • 1991–2000 (Генерација на транзицијата): Израсна во услови на хиперинфлација, санкции, приватизација и губење на работни места. Без речиси никаква младинска политика, оваа генерација емигрираше масовно и тивко, со научена лекција: државата не е тука за тебе.
  • 2001–2015 (Генерација на европските надежи): Се оформуваше по конфликтот во 2001 година, добивањето кандидатски статус за ЕУ (2005) и визната либерализација (2009). Ова беше генерација која искрено поверува дека европската иднина е прашање на неколку години — доверие кое подоцна беше целосно потрошено.
  • 2016–2026 (Генерација на разочарување и мобилност): Најобразованата, најдигитализираната и најповрзаната генерација досега, а сепак најмалку убедена дека има иднина дома. Соочена со политички кризи, блокади на ЕУ патот, пандемија и инфлација, оваа генерација ја доживува мобилноста не како можност за усовршување, туку како излезна стратегија.

3. Статистичка стапица: Падот на невработеноста како последица на празнење

Невработеноста кај младите (15-24 години) забележа пад од драматични 63% во 2005 година на околу 22%–23.4% во 2024 година. Иако ова е реален напредок, истражувањето предупредува на искреност: стапката паѓа во голем дел затоа што младите се сѐ помалку на број и затоа што најактивните заминаа. Ниската невработеност во земја која масовно се празни не е чист економски успех, туку статистичка последица.

4. Закони има, сопствени пари нема

Клучниот системски проблем дедектиран во анализата останува ист: младинската политика е добро напишана, но слабо финансирана. Во државниот буџет сѐ уште не постои издвоена, видлива и следлива младинска буџетска ставка. Без пари, Законот за младинско учество од 2020 година станува листа на добри желби, а локалните младински совети и канцеларии во повеќето општини постојат само на хартија, без буџет и без вработен кадар.

Покрај тоа, надлежните институции беа преименувани, преместувани и реорганизирани повеќе пати отколку што беа зајакнати (од Агенција за млади и спорт, преку измените во 2020, до Министерството за социјална политика, демографија и млади во 2024). Секоја нова власт почнува од нула, губејќи ја институционалната меморија.

5. Внатрешни нееднаквости: Не сите имаа исти 35 години

Истражувањето подвлекува дека најголемиот јаз во Македонија не е меѓу генерациите, туку уште подлабокиот јаз внатре во самата генерација млади:

  • Руралните млади: Соочени со ограничен избор на образование, отсуство на јавен транспорт и никаква младинска инфраструктура.
  • Ромската младина: Се соочува со најголем образовен јаз, рано напуштање на училиштето и дискриминација на пазарот на труд.
  • Младите со попреченост: Соочени со физичка и информациска непристапност и отсуство на точни податоци.
  • Девојките и младите жени: Носат непризнаен и неплатен товар за грижа во домот, со пониска активност на пазарот на труд.

Осум барања на Младинскиот сојуз за пресврт во младинските политики

  1. Младинската политика да се третира како стратешки демографски приоритет од највисок ред.
  2. Воведување видлива, наменска и следлива ставка за млади во државниот буџет.
  3. Целосна имплементација на Законот од 2020 во сите општини (совети и канцеларии со сопствен буџет и вработени).
  4. Јасна институционална одговорност, рокови и мерливи индикатори.
  5. Задолжителна дезагрегација на податоците за млади (според пол, место на живеење, попреченост, етничка и социјална припадност).
  6. Конкретна политика на задржување и враќање (поддршка за прв стан, прва работа, нострификација на дипломи и врска со дијаспората).
  7. Директно учество и право на глас за младите во преговарачките групи за ЕУ.
  8. Институционален континуитет и прекин на избрзаните реорганизации без претходна анализа и консултација со младинскиот сектор.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни