Аерозагадувањето во Македонија веќе не смее да се третира како еколошка тема, туку како здравствена криза од највисок степен. ПМ честичките, издувните гасови и тешките метали се класифицирани како канцерогени од прва група, а државата наместо да решава, таа не може ниту да го измери проблемот – во моментов 39 мерни инструменти не работат.
Ова е алармантниот заклучок на еколошката организација „О2 Иницијатива“, од каде потенцираат дека Македонија е на врвот во Европа по бројот на смртни случаи поврзани со загадувањето (222 лица на 100.000 жители во 2023 година).
„Летаме на слепо“: Мерните станици се расипани
Наместо да се бориме со загадувањето, ние не знаеме што точно дишеме.
- 30% од инструментите не работат: Во моментов 39 инструменти се во дефект.
- Не се мерат отровите: Иако е законска обврска, не се мерат тешки метали, бензен и хемискиот состав на ПМ2.5 честичките.
- Владата потфрли: Од „О2“ критикуваат дека ништо не е сменето ниту со актуелната Влада која е 1 година и 7 месеци на власт, иако додека биле опозиција барале средства за оваа намена.
Дури и Лазарополе не е безбедно
Анализата на податоците за 2025 година покажува поразителни резултати:
- ПМ2.5 (најопасните честички): Во зима се до 18 пати над дозволеното. Шокантен е податокот дека ниту Лазарополе, кое важи за воздушна бања, не ги исполнува здравствените граници за чист воздух.
- NO₂ (сообраќај): Азотниот диоксид е до 4,5 пати над границите во зима. Лазарополе во лето има повисоки вредности на NO₂ од индустриски градови како Битола и Гевгелија, што укажува на проблем со сообраќајот или други извори.
Субвенциите во Скопје се „алиби мерки“
Во Скопје, каде помеѓу 40.000 и 55.000 домаќинства се греат на дрва, субвенционирањето на 200 инвертери и 300 филтри е исмевање на проблемот.
„Со тоа темпо, проблемот би се решил за еден век. Тоа не е мерка, туку алиби“, велат од иницијативата.
Пет решенија кои може да се воведат веднаш
Од „О2 Иницијатива“ тврдат дека властите свесно не сакаат да го решат проблемот, бидејќи постојат мерки што можат брзо да се имплементираат:
- Задолжителни филтри за оџаци (цена од 150-200 евра е прифатлива).
- Забрана за петрол кокс во индустријата.
- Индустријата задолжително да користи гас каде е можно.
- Забрана за увоз на возила под ЕУРО 5 стандард (ветување кое е прекршено).
- Задолжително мерење на прашина на градилиштата.
Во државата во 2024 година се регистрирани над 684.000 возила, од кои две третини се дизел и две третини се постари од 15 години. Без храбри и итни мерки, здравствената криза само ќе се продлабочува.
