Во големата судница во Идризово денеска продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во рамки на доказната постапка. Процесот продолжи со сослушување на вешто лице, односно технички советник, предложен од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов.
Станува збор за вештак кој веќе трето рочиште по ред се сослушува, откако дал исцрпен исказ за своите наоди по евалуацијата на документите од списите што се однесуваат на градежните аспекти на објектот „Пулс“.
Според кажаното на рочиштето, техничкиот советник навел дека објектот „Пулс“ иницијално, кога бил изграден, ги исполнувал законските критериуми и врз таа основа добил употребна дозвола и технички прием. Во исказот било наведено дека објектот првично бил наменет за „лесна не загадувачка индустрија“, а при пренамената во 2012 година, по барање на закупецот, биле изработени основните елаборати што биле приклучени на главниот проект.
Како што беше образложено, станува збор за „елаборат за противпожарна заштита, за сообраќајно решение околу објектот и елаборат за безбедност“, додека други измени на проектната документација, според вештакот, не биле правени. Причината, според неговиот исказ, била тоа што „не станува збор за реконструкција на објектот, туку само за некои финесии кои што се однесуваат на занаетчиски корекции и ентериерно уредување на објектот“.
Од судницата беше посочено дека имало повеќе приговори од страна на одбраната, а по прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски се очекува да следуваат и дополнителни прашања од одбраната. Можност за прашања има и судечкиот совет. Техничкиот советник изработил вештачење што е „пандон на вештачењето“ изработено по налог на обвинителството од експерти од Градежниот факултет.
Случајот „Пулс“ во моментов е во доказна постапка, а доказите на одбраната почнаа да се изведуваат пред две рочишта. Најавено е сослушување на повеќе од 200 сведоци, а актуелниот вештак е првиот предложен од одбраната. Кога било поднесено обвинението, тоа опфаќало 35 лица и три фирми, но во меѓувреме едно од обвинетите лица почина, па сега на обвинителна клупа се 34 обвинети.
Според обвинителството, обвинетите се товарат дека заеднички придонеле да се случи трагичниот настан во Кочани на 16 март 2025 година. Во обвинението се наведува дека секој од нив имал свој удел и одговорност за последиците од трагедијата, во која загинаа 63 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.