Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани остро реагираа по денешното судско рочиште, револтирани од тврдењата на вештото лице ангажирано од одбраната на првообвинетиот, според кое градежните интервенции во објектот не претставувале реконструкција, туку занаетчиски работи.
Во својата реакција, родителите наведуваат дека на денешното рочиште слушнале оти поставувањето челични столбови, метални конзоли, зајакнувањето на меѓукатната конструкција, промената на фасадата и дополнителните метални скали на влезот не биле третирани како реконструкција на објектот.
„Челични столбови, метални конзоли, зајакнување на меѓукатната конструкција, промена на фасада, дополнителни метални степеници на влезот – но реконструкција немало, сето тоа биле занаетчиски работи! Сето ова денес го слушаме во судницата од вештото лице на првообвинетиот“, наведуваат родителите.
Тие со иронија коментираат дека, според ваквото толкување, градежни зафати би можеле да се изведуваат без соодветни одобренија, а потоа да се претставуваат како обични занаетчиски активности.
„Очигледно погрешно сме го разбрале Законот за градење! Да градиме без одобренија, а потоа да тврдиме дека само ‘занаетчиски сме работеле’!“, се наведува во реакцијата.
Родителите прашуваат дали токму ваквото толкување одбраната се обидува да го наметне пред судот, нагласувајќи дека правото на одбрана е неспорно, но дека природата на изведените градежни интервенции не може да се промени само со употреба на поинаква терминологија.
„Правото на одбрана е неспорно. Но градежните интервенции не исчезнуваат со нивно преименување, ниту одговорноста се избегнува со игра на зборови!“, порачуваат тие.
Во реакцијата користат и споредба со највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа во Дубаи.
„Според ваквата логика, и Бурџ Калифа во Дубаи би можела да се прогласи за ‘занаетчиска работа’!“, велат родителите.
Тие нагласуваат дека судската постапка не се однесува само на техничките и градежните карактеристики на објектот, туку и на прашањата за безбедноста и утврдувањето на одговорноста за трагедијата.
„Овде не се расправа само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и 63 животи што никогаш нема да се вратат“, наведуваат родителите.
Реакцијата ја завршуваат со порака дека вистината за трагедијата мора да се утврди врз основа на докази, а не преку различни толкувања на изведените градежни работи.
„Вистината не се реконструира според потребите на одбраната. Таа се утврдува со докази!“, порачуваат родителите на загинатите во „Пулс“.
Тврдењата на вештото лице, како дел од доказната постапка, остануваат предмет на оценка на судот, кој треба да ја утврди фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност на обвинетите.