Намалување на површините за градба за 33,3 проценти и двојно повеќе зеленило во градежните парцели предвидува нацрт-деталниот урбанистички план за локалитетот Барутана на Водно. Сепак, пред документот да се најде пред советниците на Општина Центар, ќе бидат побарани дополнителни геолошки анализи за стабилноста на теренот и можноста за појава на свлечишта и ерозија.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изјави дека вкупната површина предвидена за градба со новиот нацрт-план е намалена од 43.429 на 29.439 квадратни метри. Истовремено, процентот на зеленило во градежните парцели се зголемува од 20 на 40 проценти.
Герасимовски појасни дека Општината има законска обврска да започне постапка за донесување нов детален урбанистички план, откако претходниот план бил поништен во 2025 година. Тој, сепак, нагласи дека започнувањето на постапката не значи дека планот задолжително ќе биде усвоен.
„Со поништувањето на самиот план во 2025 година, моја законска обврска и обврска на Општината е да започне со донесување нов детален план. Тоа го започнавме и тој е во процедура. Досега се добиени позитивни мислења од релевантни институции за продолжување на постапката. Но, дали планот ќе биде изгласан, тоа е одлука на Советот и советничките групи“, рече Герасимовски.
Тој информираше дека Општината одржала повеќе состаноци со експерти за урбанизам, а минатата недела добила позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување. Сепак, пред планот да биде ставен на гласање, ќе бидат побарани мислења од сите релевантни институции, како и дополнителен геолошки елаборат.
„Нема да го ставам деталниот план на гласање сè додека не добиеме позитивни мислења од сите релевантни институции. Дополнително, ќе побараме од планската куќа да изработи геолошки елаборат за да ги утврдиме безбедноста на теренот и можноста за појава на свлечишта, ерозија и слични појави“, нагласи градоначалникот.
Според него, нацрт-планот не предвидува воведување нови градежни парцели, туку ги задржува парцелите од претходната планска документација, со намалена површина за градба. Герасимовски посочи дека урбанистичкиот опфат на Барутана бил утврден со Генералниот урбанистички план, а за подрачјето постоела планска документација уште од 2002 година.
Градоначалникот оцени дека несогласувањата меѓу генералните и деталните урбанистички планови се проблем и во други делови од Скопје. Според него, донесувањето нов Генерален урбанистички план е неопходно за усогласување на планираните капацитети за градба, бројот на жители и сообраќајната инфраструктура.
Во однос на сообраќајното решение за Барутана, најави одржување втора јавна анкета, на која граѓаните повторно ќе можат да ги достават своите забелешки и предлози. Ќе се разгледуваат можностите за измена на дел од предвидените сообраќајници, особено поради конфигурацијата на теренот и тешкотиите за нивна реализација.
Герасимовски потсети дека во минатото, по негово барање, била изгласана суспензија на дел од планот Ј07 поради неможноста да се реализира одредена сообраќајница.
Тој додаде дека Општина Центар нема да го расчистува теренот со општински средства, ниту ќе ја преземе обврската за финансирање на улиците предвидени со планот. За дел од сообраќајните решенија надлежност има и Град Скопје, а евентуалните измени ќе треба да бидат усогласени со важечката планска документација.
Герасимовски оцени дека јавната дебата треба да се води врз основа на факти и стручни мислења. Тој посочи дека Општината ги разгледува забелешките и на жителите на Барутана и на граѓаните од околните населени места, чии интереси не се секогаш исти.
„Јасно е дека жителите што живеат во Барутана бараат поголем развој и што побрзо донесување детален урбанистички план, додека жителите во околината се повнимателни и имаат критики во однос на сообраќајниците, зеленилото и другите прашања. Наша задача е да ги подобруваме условите, а тоа го правиме и со овој план, со кој се намалуваат површините за градба и се зголемува зеленилото“, рече тој.
Во нацрт-планот е предвиден и пензионерски дом на државна парцела. Во однос на ризикот од ерозија, градоначалникот рече дека при изработката на Генералниот урбанистички план биле направени анализи, но дека ќе бидат побарани дополнителни стручни испитувања, вклучително и за можните последици од отстранувањето на вегетацијата при евентуална изградба.
Тој предупреди и дека доцнењето со донесувањето нов Генерален урбанистички план создава проблеми во усогласувањето на деталните планови и во решавањето на сообраќајните прашања во Скопје.
Постапката за нацрт-планот за Барутана продолжува. За неговата иднина ќе одлучуваат резултатите од јавната анкета, дополнителните геолошки анализи, усогласувањето на сообраќајното решение и мислењата на надлежните институции. Дури потоа документот ќе биде доставен до Советот на Општина Центар, кој ќе одлучува дали ќе го усвои.