Не е зголемен бројот на битолчани кои го посетуваат Пелистер по одлуката на Општина Битола влезот во Националниот парк до крајот на годинава да биде бесплатен.
Деновиве се одбележуваат 70 години од прогласувањето на Пелистер за национален парк, прв во поранешна Југославија, а 13-ти во Европа.
„Заинтересираноста е перманентна. Зависи од временските пригоди и заинтересираноста. Ние бевме принудени на некој начин да го спроведуваме законот за наплата. Советот на О. Битола донесе одлука, битолчани заради големото загадување што постои од околни загадувачи, да бараат на некој начин спас на Пелистер за дишење и рехабилитација. Ние таа одлука ја прифативме, но останува обврската за наплата на граѓаните од другите градови“, изјави Пеце Цветановски – НП, „Пелистер“.
Дали развојот на туризмот бара и изградба на други патишта низ планината?
„Вистината покажува дека некогаш е подобро само до одредено одредиште да имате подобар и поширок пат, а потоа да се пешачи и да биде потешко за движење за да не се загадува околината. Лесно е да ги донесете луѓето, но тешко е да го соберете отпадот после тоа“, додаде Цветановски.
Отпадот што посетителите го оставаат зад себе го чистат шумарите, ренџерите, планинарите. За јубилејот на „Пелистер“ беше поставена и изложба на фотографот Петар Ставрев за да се прикажат убавините на овој еколошки предел кој треба да се зачува чист.
„Секогаш има потешкотии, затоа треба да се внимава. Имам една мисла кажано дека планината не е трка, туку таа е интима за уживање. Сум имал најмногу проблеми со водопадите, затоа што тие се во тешко пристапни места и треба тука да се слезе, 2-3 саати да се расчисти теренот и да се снима, а вода од сите страни блика“, изјава Петар Ставрев, планинар.
Фотографот Ставрев поседува над 10.000 фотографии од Пелистер и ова му беше над 50. изложба на оваа тема. Крај фотографиите имаше и мисли: „Шетај по шумските патеки за да не шеташ по градските аптеки“. Пелистер со својата убавина и чист воздух годинава успеал да привлече околу 7. 000 посетители, од кои 15 проценти се странци.
Пелистер со години развива туризам само со еден асфалтиран пат кој води од подпелистерските села до хотелот „Молика“. Дел од патот беше преасфалтиран пред три години, но се чувствува потреба од негово проширување. Има места каде возилата одвај се разминуваат.
Репортер: Јовица Пауноски
