Се чини дека Џејмс Патерсон им стана омилен автор на богатите и славните лица кои сакаат да го направат својот прв пробив кон светот на романите.
Тој претходно работеше со поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, на неговите два политички трилери, а сега објави дека контактира и со Доли Партон за нејзиниот дебитантски роман, пренесува „Венити фер“.
Книгата која ќе биде насловена „Трчај, Роуз, трчај“ (Run, Rose, Run) треба да биде објавена во месец март 2022 година и тоа од компанијата „Литл, Браун“
Партон создаде и албум со ист наслов, со 12 нови оригинални песни.
„Не може да бидам повозбудена поради објавувањето на мојот прв роман со одличниот Џејмс Патерсон. Ќе имам и нов албум што ќе ја придружува книгата. Ги напишав сите нови песни врз основа на ликовите и случките во книгата. Се надевам дека книгата и песните ќе ви се допаднат исто како што ние уживавме во нивното создавање!“, истакна Доли Партон за списанието „Пипл“, а познатиот писател вели дека му било чест и забавно да работи со неа.
Инаку, во книгата се раскажува приказна за една млада жена која се сели во Нешвил со цел да го оствари својот сон да стане кантри-ѕвезда, но потеклото на нејзините трогателни песни е строга тајна, која таа се обидува да ја сокрие. Сепак на крајот минатото од кое упорно бега, ќе се обиде да ја достигне и да и ја контролира иднината, по цена на сѐ за што таа работела толку напорно.
