8 нови авиолинии од Скопје и Охрид, Владата потпиша договор со „Виз Ер“

Баден, Бремен, Ларнака и Турку од Скопје, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд од Охрид. Ова се 8-те нови дестинации кои преку авиокомпанијата „Визер“ ќе им бидат достапни на граѓаните на Македонија. Од „Визер“ најавија дека билетите за овие дестинации ќе почнуваат од 1.164 денари или 19,99 евра. Од таму велат дека во јули ќе биде донесен и уште еден петти авион.

„Допопонителниот петти авион ќе ни овозможи да раснеме во однос на зачестеноста на нашите услуги од Скопје, така што ќе зачестат летовите кон Гетеборг од четири на пет лета, до Хамбург од два на три лета, кон Келн од три на четири, и кон Малта од два на три летови неделно. Кон Базел ќе се лета три пати на ден“, изјави Џорџ Михалопулос од „Визер“

Согласно договорот, авиокомпанијата е должна да отвори вкупно шест нови линии и тоа две од Скопје и четири од Охрид. Првите две линии од Охрид, „Визер“ треба да ги отвори до 26 март годинава, а останатите две во рок од една година од склучувањето на договорот. Финансиската поддршка што ја обезбедува Владата е 312 милиони денари или околу пет милиони евра за период до 2022 година. За 2019 година предвидени се  86 милиони денари, за 2020 и 2021 година предвидени се 104 милиони денари, додека за 2022 година – 17 милиони денари.

„Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од меѓународниот аеродром „Скопје“ и меѓународниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид. За секоја нова дестинација воведена од Скопје ќе се додели финансиска поддршка од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година, седум евра во третата“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Отворањето на новите авиолинии е овозможено преку тендерот за нискобуџетски авиолинии што го распиша Владата. На тендерот како единствена компанија се пријави „Визер“.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21