Обилните врнежи од снег во југозападна Македонија донесоа радост и кај возрасните љубителите на зимските спортови.
„И ние се радуваме како децата. Супер, времето не е многу студено, ќе се скијаме“, вели посетител на Пелистер.
Патиштата до овие ски терени денеска се проодни, а за радост на љубителите се нуди дневно и ноќно скијање. Двата ски лифта работат до доцна во ноќта.
„Многу не израдува снегот што порано заврна за разлика од другите години, така што снегот ни донесе голема радост“, додава друг посетител.
Од ски центарот Ниже поле се надеваат на долга ски сезона поради дебелата снежна покривна. На двата ски центри на Пелистер нема топови за вештачки снег, па врнежите од снег за битолчани се секогаш добредојдени.
„Располагаме со два ски лифта со капацитет од 1500 скијачи на час, а на располагање на сите посетители им е бачилото, каде можат се стоплат со топли напитоци, а има и брзa храна. Имаме посетители од Прилеп, Велес, Охрид, Струга, Ресен. Снегот навистина ни недостасуваше во изминатите години, а оваа година не смееме да се пожалиме“, рече Горан Марковски, од ски центарот Ниже поле.
За чистење на улиците во градот и локалните патишта до селата вкупно се потрошени 130 тони сол и 100 метри кубни ризла. Битола синоќа беше најстуден град со измерени -22 степени целзиусови, а поларни температури се чекуваат и во наредните денови.
Во отсуство на снег на Пелистер, битолчани се приморани да патуваат во околните туристички центри, Банско во Бугарија или Вигла во Грција.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ
