Повремено силен ветер во западните делови од земјава, локални врнежи од дожд и заладување од понеделник најавува Управата за хидрометеоролошки работи. За сабота и недела е означено жолто ниво на предупредување поради ветерот, кој на места ќе достигнува брзина над 60, односно над 70 километри на час.
Во сабота, 21 ноември, утрото и раното претпладне ќе бидат променливо облачни, со повремен дожд претежно во западните и североисточните делови. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува западен ветер, кој на места во западните делови повремено ќе засилува над 60 километри на час. Утринските температури ќе се движат од 2 до 8, а дневните од 15 до 22 степени.
Во недела се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд, претежно на запад. Ќе дува јужен ветер, кој попладне на места ќе засилува, а во западните делови повремено ќе достигнува над 70 километри на час. Минималните температури ќе бидат од 0 до 8, а максималните од 14 до 18 степени.
Промена на времето се очекува во понеделник, кога поради продор на постуден воздух од север, попладне дождот на планините ќе преминува во снег. Ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи и засилен, на места повремено силен ветер. Претпладне ветерот ќе биде западен, а попладне ќе го промени правецот во северен. Дневните температури ќе достигнат од 12 до 19 степени.
Во вторник ќе биде сончево и постудено, со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Утринските температури на места ќе се спуштат под нулата и ќе се движат од минус 3 до 6 степени, додека максималните ќе бидат од 7 до 14 степени.