Балкан

Нови детали од судењето за малата Данка Илиќ: Дедото го смени исказот за мистериозната бела „фиат панда“

Нови детали од судењето за малата Данка Илиќ: Дедото го смени исказот за мистериозната бела „фиат панда“

Нови сведочења и противречности го одбележаа судењето на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, Србија. По родителите на девојчето, Ивана и Милош Илиќ, пред судот сведочеа и членови на нивните семејства.

Најголемо внимание предизвика сведочењето на Часлав Драгомировиќ, таткото на Ивана Илиќ, кој во текот на испрашувањето го промени својот исказ во врска со белото возило „фијат панда“, кое се споменува во истрагата.

Драгомировиќ изјави дека неговата ќерка, по исчезнувањето на Данка, престојувала во семејниот дом во Брестовац и дека една ноќ, околу два или три часот по полноќ, се сетила дека видела бел автомобил пред капијата во Бањско Поле.

Според неговите зборови, Ивана била во исклучително тешка психичка состојба, но одеднаш се присетила на возилото.

„Не сум сигурен, но 90 проценти мислам дека ми кажа оти на автомобилот пишувало ‘Водовод’. Колку што се сеќавам, не спомена дека видела луѓе“, изјавил Драгомировиќ.

Меѓутоа, неговото сведочење добило неочекуван тек кога судијата побарал дополнително појаснување за временскиот редослед на настаните.

Драгомировиќ најпрво тврдел дека веќе знаел за белата „фијат панда“ бидејќи бил присутен кога полицијата ги преземала снимките од безбедносните камери. Но, по прашањето како можел претходно да знае за автомобилот, го променил исказот и навел дека снимките биле преземени дури откако неговата ќерка му кажала за возилото.

Пред судот сведочеа и родителите на Милош Илиќ, Милан и Татјана Илиќ. Тие изјавија дека на денот на исчезнувањето не забележале ништо необично во однесувањето на Ивана или на децата.

Татјана нагласила дека Ивана и Милош се грижливи родители, дека нивниот брак е стабилен и дека семејството редовно им помагало околу чувањето на децата.

„Тоа утро Ивана нè повика да ја причуваме Данка бидејќи требаше да оди во општината. Набргу се врати и ништо не ми изгледаше сомнително“, посочила таа.

Кратко сведочел и Стефан Драгомировиќ, братот на Ивана, кој останал на претходно дадениот исказ во обвинителството.

Во меѓувреме, обвинителството се откажало од сослушување на таткото на обвинетиот Срѓан Јанковиќ, поради неговата сериозна здравствена состојба и деменција, кои го оневозможуваат да даде прецизен исказ.

На барање на адвокатката Вања Живковиќ, на странките во постапката им биле доставени и две службени белешки од испрашувањето на Далибор Драгијевиќ, брат на обвинетиот Дејан Драгијевиќ, кој починал по наводно полициско малтретирање во полициската станица во Бор.

Судењето продолжува на 23 и 24 ноември, кога се очекуваат нови сведочења, а доколку дозволи времето, пред судот ќе бидат сослушани и вештаци.

Случајот со исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ и понатаму предизвикува огромно внимание во српската јавност, додека судската постапка треба да ги утврди околностите и одговорноста за трагичниот настан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни