90 см снег во планинските села од тетовско – жителите се жалат, патиштата непроодни

Селата на скопска Црна Гора и планинските села од тетовскиот регион и понатаму се блокирани од интензивните врнежи од снег.

Снежната покривка во планинските села на Тетово достигна 90 см.

Станува збор за селата Бозовце, Вешала, Вејце, Селце и Ѓермо. Од општина Тетово и Боговиње велат дека иако тешко се пристапува до овие села, тие ги преземале сите потребни мерки за деблокирање на патиштата.

Но жителите на овие села го велат спротивното. Во нашата редакција се јави еден жител, кој вели дека се изолирани и блокирани од снегот.

„Снегот го чистиме со трактор, снежната покривка е околу 80 сантиметри. Ние сме над Боговиње 5 километри. 20 куќи сме и се занимаваме со сточарство. Утрово контактиравме со општината и ни рекоа вие не гласавте за нас, нега ви го отвора патот ДУИ, тој, оној. Не се заинтересирани воопшто“, во телефонски разговор ни рече Јаниш Исмани – жител на село Селце.

Портпаролот на општина Боговиње, Бесир Мифтари вели дека прават се за да се исчистат патиштата на сите села кои се дел од нивната општина. Тој рече дека патот на село Селце е проблематичен, бидејќи станува збор за тесен пат, кој е тешко пристапен.

„Патот на село Селце е многу тесен и е тешко да се исчисти. Но се надеваме дека и тој пат ќе го исчистиме. Во Ново село, Раковец, Јеловјане, е исчистено. А патот на село Селце е малку поспецифичен но се надевам дека и тој пат ќе успееме да го исчистиме како другите патишта“, вели Бесир Мифтари – портпарол на Општина Боговиње.

И понатаму остануваат блокирани селата на Скопска Црна Гора како Брест, Малино и Танушевци. Министерот за локална самоуправа рече дека лично ќе контактира со градоначалниците на општините, со цел што поскоро да се преземат мерки.

„Јас денеска ќе преземам обврска, лично да му се јаван на градоначалникот и на сите други релевантни институции, со цел што поскоро да им се излезе на помош на граѓаните. Со оглед на тоа дека временските услови не се подобруваат, јас за ова ќе алармирам и во највисоките владини нивоа.“, вели министерот за локална самоуправа – Сухејљ Фазлиу.

ТВ21 контактираше и со властите на другите општини како што се Кичево, Дебар, Скопје и Куманово, од каде ни рекоа дека снегот се чисти, и велат дека патиштата се пристапни.

РЕПОРТЕР: САЛИЈЕ САДИКУ

Извор: ТВ21