Ресен ќе добие модерен регионален пазар кој ќе ја подобри економијата во градот и ќе се зголеми конкуретноста. Mинистерот за локална самоуправа Горан Милевски, и заменик министерот Дејан Павлески, заедно со Радмила Шекеринска, заменичката на Претседателот на Владата и Министерка за одбрана, градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски и директорот на центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче денеска извршија увид на финалните активности на проектот „Реконструкција и модернизација на регионален пазар во Ресен” , во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, а чини 3.6 милиони денари.
„Од особено значење е подобрување на конкурентноста на Пелагонискиот регион. Токму затоа, Министерството за локална самоуправа за овој проект издвои три ипол милиони денари. Ние, како држава посветена на земјоделието, со ова докажуваме дека преку вложување и реконструкција на постоечкиот пазар создаваме современа и функционална локација за пласман на земјоделски производи, за целиот регион” изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Инвестицијата опфати реконструкција и проширување на покривот на делот со тезгите за продажба на овошје и зеленчук со челична конструкција, декоративно санирање на бетонски тезги како и изведба на индустриски под.
„За многу малку време, со многу труд и многу работа успеаја од корен да го променат стариот пазар во Ресен и повторно да им дадат шанса на Ресенчани да пазарат таму каде што пазареле генерации, да пазарат блиску до местото, блиску до својот дом меѓутоа и да им овозможи на сите оние кои што работат од земјоделието и живеат од земјоделието, на достоинствен начин, во здрава работна средина да ги продаваат своите продукти” вели Радмила Шекеринска, заменичката на Претседателот на Владата и Министерка за одбрана.
Со тоа ќе се придонесе кон зголемување на трговијата, а воедно и производството на земјоделски производи, на регионално и национално ниво.
„Среќен сум што конечно добиваме модерно и функционално место кое во исто време ќе го користат и продавачите и купувачите. Горд сум на секој нов проект, на секое дело со кое што ќе се подобри животот на моите сожители, а ние не застануваме тука, со исто темпо заедно со Владата, продолжуваме да работиме за конечно Ресен да го добие сјајот каков што заслужува од секогаш да го има.” изјави градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.
Исто така овој проект е од голема економска важност особено за жителите од населените места од различни општини кои гравитираат околу Ресен, бидејќи продажбата на производите на овој пазар за нив претставува единствен извор на приходи.
„Тука нема да застанеме, продолжуваме и понатаму преку пелагонискиот регион за општина Ресен во тек е постапка за набавка за метларка, што значи дека сме посветени во заложбите за подобрување на животната средина вo регионот, и сакам уште еднаш да потенцирам дека пазарот тука не е само за бенефит на граѓаните на општина Ресен, туку и за сите други општини кои гравитираат околу оваа општина, бидејќи со пазарот ќе се зголеми конкурентноста на самиот преспански регион” додаде директорот на центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче.
Модернизацијата на регионалниот пазар во Ресен има регионално значење затоа што истиот претставува комплекс каде се одвива економска активност – размена на земјоделски производи, текстил, трговија на мало, ситна стока помеѓу субјекти од сите општини во Пелагонискиот регион и од соседниот Југозападен регион како и туристите кои доаѓаат во посета на регионот.