Втор ден од гласањето за предвремените парламентарни избори. Гласаат болните, немоќните, хронично болните, затворениците, лицата во домашен притвор, во старските домови и шестмина внатрешно раселени лица.
Според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) објавени на нивната веб-страна, денеска гласаат 8.855 болни и немоќни и хронично болни чии пријави се прифатени од ОИК. Најмногу болни и немоќни за гласање се пријавени во Прилеп и во Кичево по 486 граѓани, потоа во Струмица – 465, во Ново Село 375, во Крива Паланка 361, во Делчево 335 и во Липково 331. Гласање за болни и немоќни нема да има во Вевчани, а во Желино е прифатено барањето на само едно лице, додека во Шуто Оризари и во Центар Жупа ќе гласаат по четири болни и немоќни лица. Во Арачино се пријавени петмина за гласање денеска.
Од скопските општини во Гази Баба прифатени се барањата на 168 болни и немоќни за гласање, а во Бутел – 82, во Карпош ќе гласаат 80, во Кисела Вода – 57, во Ѓорче Петров 48, а во Аеродром 47.
Гласање ќе се спроведува и во 13 Казнено-поправни установи, а во посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 1.657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Гласање ќе има и во 17 старски домови каде правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.
Гласањето на овие лица се спроведува од страна на избирачките одбори, како и вообичаено досега, со тоа што и членовите на одборите, но и лицата што се пријавиле да гласаат задолжително мора да ги почитуваат општите превентивни мерки за заштита од КОВИД – 19.
Врз основа на Упатството на ДИК членовите на Избирачкиот одбор и претставниците на политичките партии кои го спроведуваат гласањето во домот на болните, немоќните или хронично болните лица мора да носат заштитна маска преку нос и уста и ракавици за еднократна употреба, задолжително е одржување на физичка дистанца во текот на целиот процес, како и миење на раце и дезинфекција по завршување на процесот.
.