Македонија

Левица и АА-ААА со приговори за манипулации во изборниот процес

Трет ден по изборите, ДИК го корегираше записникот од четврток, со коj се исправа техничката грешка со која ДИК пресметало дека има дополнителни 1.416 гласачи и дека е зголемен бројот на неважечки ливчиња за 98. Ова според информациите од ДИК за ТВ 21 нема да влијае на крајниот резултат.во меѓувреме течат роковите за жалби , СДСМ нема да се жали на изборниот резултат, ВМРО-ДПМНЕ бара рачно да се пребројат гласачките ливчиња. Левица најави дека ќе поднесе над 400 приговори за манипулации при броењето на гласови во повеќе гласачки места, со што тврдат дека на оваа партија им се скратени 3 пратеници. За процесот на гласање, најмногу приговори доставила коалицијата АА-ААА, вкупно 74 поврзани со нерегуларности, како што се купување гласови, гласање без потпис и двојни потписи.

„Во мнозинство случаи, приговорите доставени до ДИК се за општиот број на невалидни гласачки ливчиња, се бара нивно контролирање и да се потврдат уште еднаш, а има приговори кои го опфаќаат гласачкиот процес во 5-та изборна единица, но јасна слика ќе имаме кога ќе се одлучи во врска со тие приговори од страна на ДИК“, вели Адмир Шабани – портпарол на ДИК.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето да се повтори уште еднаш броењето на гласовите.

Реагираа од СДСМ преку соопштение велејќи дека Оливер Деркоски, претседателот на ДИК од редовите на ВМРО-ДПМНЕ должи одговори пред јавноста за случувањата на денот на изборите и објавувањето на резултатите. Бадијала ВМРО-ДПМНЕ бараат изговори за поразот што им се случи, граѓаните кажаа што мислат се вели во соопштението на Социјалдемократите.

Единствени кои досега не доставиле приговори за изборниот процес е коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА. Според Изборниот законик, ДИК во рок од 72 час треба да одлучи кои од приговорите ќе се прифатат, при што партиите одлуките на ДИК можат да ги обжалат во Управен суд и додека да завршат овие процедури, резултатите не се сметаат како конечни.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни