По одлуката на Државната изборна комисија едногласно да ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори, веќе течат роковите за поднесување приговори до Управниот суд. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие и натаму остануваат на првичното барање за рачно пребројување на гласовите од сите 3 илјади 480 избирачки места, а најавија и тужби до Управен суд.
„ВМРО-ДПМНЕ поднесе два суштински приговори до ДИК во однос на барање на физичко пребројување на гласачките ливчиња од сите 3480 избирачки места во државата, заради утврдување на точен и конечен резултат од предвремените парламентарни избори од 13, 14 и 15 јули, како и во делот на свесната кампања со наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче. Сметаме дека се прекршени, односно не се испочитувани ставовите од членот 135 од Изборниот законик, кои што се однесуваат на објавувањето на резултатите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијанса за Албанците, кои на изборите беа во коалиција со Алтернатива велат дека не се задоволни од одлуките на Државната изборна комисија и најавија и тие дека ќе се жалат до Управниот суд. Левица, партијата која со околу 2 илјади приговори до ДИК, најавија, наместо жалби, дека ќе поднесат тужба до Управен на за работата на Државната изборна комисија. Кривична пријавата пак, до Основното јавно обвинителство поднесоа од коалицијата Никогаш Северна само Македонија. Професорот Јове Кекеновски кој е дел од оваа коалиција истакна дека со тоа што наместо името на коалиција на гласачкото ливче стоеше име на партија е направена манипулација на гласачите.
„На гласачкото ливче воопшто го нема името на коалицијата Никогаш Северна само Македонија која што под тоа име го поднесе, под тоа име го примиле и под тоа име е прифатен настапот на оваа коалиција на изборите. Претседателот и сите членови на Државната изборна комисија сториле кривични дела односно направена е свесно измама на избирачите и истите се доведени во заблуда и се оневозможени да го остварат своето право на глас за коалицијата“, истакна Јове Кекеновски.
По истекувањето на рокот за поднесување жалби на партиите до Управниот суд на одлуките на Државната изборна комисија по нивните приговори, судот има рок од 60 часа да постапи по овие жалби.
.