Македонија

Хакирани страниците на МЗ и МОН – Се јави Анонимус: „Систем администраторите им се шалабајзри“

И веб-страниците на Министерството за здравство и Министерството за образование денеска се вон функција, поради тоа што синоќа беа хакирани од анонимен хакер. На МОН е хакирана само веб-страницата, додека на здравство и службениот мејл. Поради тоа, МЗ отвори нов мејл преку кој ќе комуницира со медиумите и другите страни во случај на потреба.

„Министерството за здравство информира дека е хакирана и, во моментов, не функционира веб-страницата на ресорното министерство. Не функционираат ниту службените мејлови на вработените во институцијата“, велат од Министерството за здравство.

„Хакирана е веб-страницата на Министерството за образование и наука и од синоќа не е во функција“, велат од министерството за образование и наука.

Хакерите од нивниот налог на Твитер, велат дека тие не го загрозиле меил серверот на Министерството за здравство.

„МкдОпс во ниту еден момент не го загрози маил серверот на здравство, само направи екстракт на мејловите. Сајтовите, и маил серверот се изгасени од страна на шалабајзерите што се систем админи во тие министерства“, велат Анонимус.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат активности за откривање кој стои зад анонимните хакери. Портпаролот, Тони Ангеловски, рече дека не знае дали АнонОпсМКД се тие кои ја хакирале и страницата на ДИК и агрегаторот за вести „Тајм.мк“, иако самите хакери го признаа тоа.

На денот на изборите беше хакирана интернет-страницата на ДИК и агрегаторот за вести „Тајм.мк“. Од Секторот за компјутерски криминал констатирале дека хакерите кои стојат зад хакирањето на страницата на ДИК, извршиле „DDoS“ напад или еден од најмоќните софтверски напади. Тој бил извршен од стотици претходно нападнати компјутери кои хакерите ги имаат под контрола. Со овој акт  ДИК не беше во можност да ги објави изборните резултати. МВР и натаму истражува и тоа кој го нарачал хакерскиот напад.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни