Македонија

Еве зошто ДА за БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД

Заврши младинскиот арт фестивал Битола отворен град кој деветнаесет години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам, ја инспирира публиката да биде свесна и отворена за нови прогресивни идеи и придонесува за развој на културниот туризам во Битола.

Фестивалот е инспириран од потребата за нов пристап во промоцијата и презентирањето на културните,општествените и човечките вредности и трендови преку музика и визуелни уметности.

Фестивалот започна со изложбата на Кристина Карапеоска [ Кик Флип ] •Coolest dead people•

Се одржа и битолската промоција на Монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“ на Тошо Филиповски

Публиката уживаше во два фантастични концерти.

Првиот на Античкиот локалитет Хераклеја,  кој обедини три исклучителни македонски бендови Плутос Даутс, Фолтин и Суперхикс.

Концерт кој докажа зошто на нашите музичари им се потребни концерти и комуникација со публиката и зошто публиката заслужува најдобро.

Свежината на Плутоси, сензибилитетот на Фолтиновци и енергијата на Банда Инструментале создаде музички омнибус под исто небо овој септември на една античка сцена која евидентира уште еден музички настан за добрата историја на музиката.

Вториот концерт пак, беше спој помеѓу осмислената тишина и совршената музичка врева.

Таков концерт му се случи на Фестивалот БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД на последната вечер.

Слободно може да се каже дека беше глобално звучно треперење на еден битолски релативно нов бенд, составен од познати музичари ВЕЛ и еден култен скопски бенд со уникатна музичка идеологија, кој бил и сé уште е ѕвезда северница за многу аудиофили и музичари во регионот, МУГЕР ФУГЕР кои пак заедно со неуморниот и секогаш свој Горан Трајкоски [ГоТра] ставија личен жиг на затварањето на овој фестивал, кој очигледно во 19-та година кажа дека светлото во тунелот на музиката е сосем сјајно.

Една фузија на dark-wave & gothic, музички експерименти кои тргаат од гитарските школи на 80-тите, враќаат отсечно кон традиционални напеви, а во континуитет ја имаме електрониката.

Не зборуваме за проект, настан, па и за фестивал, зборуваме за енергија која обединува, креира и инспирира младинско учество и поместува граници цели 19 години.

Еве зошто ДА, за БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД.

Се гледаме идната година со нова креативна енергија.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни