Македонија

Следната недела нова средба, Цар Самоил и придавката македонски остануваат проблем за решавање

Во „Клик Плус“ на ТВ21 претседателот на македонско-бугарската комисија Драги Ѓорѓиев, преговорите заглавија во два аспекти: Цар Самоил и придавката „македонски“.

Ѓорѓиев вели дека ќе биде техничка средба, за да се реши најпрво со придавката „македонски“.

„Треба да стапиме во контакт, ќе се договориме, можеби ќе биде во понеделник. Техничка средба ќе биде. Точно да видиме со придавката македонски, да расчистиме“, рече Ѓорѓиев.

Надеж дека работите ќе мрднат има веќе следната недела кога ќе има нова средба на комисијата. Барем така најавија вечерва во „Клик Плус“ претседателот Ѓорѓиев и членот на комисијата, Петар Тодоров.

„Последната средба заглави на две места. Од наша страна претставувањето на Цар Самоил во учебниците да го понудиме, учениците да имаат две перспективи на таа Самоилова држава: дека е наследник на средновековното бугарско царство, но и дека има тези дека е независно Царство. Од бугарска страна се инсистираше да биде само на Царство кое го наследува традицијата на првото бугарско Царство. Тука заглавивме, тие инсистираа само на нивното гледање“, рече Ѓорѓиев, и додаде дека тука нема договор, и дека ќе се продолжи со барање решение.

„Вториот момент е придавката македонски. Ние записниците ги потпишуваме на македонски јазик, тие на бугарски. Тука немаме проблем. Главниот проблем е придавката „македонски“ во самиот протокол. Ја употребуваме ние придавката низ дискусијата, но кога ќе треба да ја ставиме на протокол, имаме проблем. Од седмата средба се појави тој проблем, до шестата немаше“, рече Ѓорѓиев.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни