Македонија

Треба да се подигне свеста за органодарителство

Во тек е вториот дел од националната кампања на здружението „Храбро срце“ во којашто се вклучени лекари, јавни личности, истакнати музичари, пациенти од ова здружение како и наши сонародници од странство кај коишто е веќе извршена трансплантација на срце. Целта е подигање на свеста за важноста од органодарителство со што во иднина ќе се спасуваат повеќе животи. Тоа е особено важно за пациентите коишто имаат EL-VAD помагало на нивните срца што е привремено решение додека се најде соодветен орган.

Вака започнува денот на Александар и на сите други пациенти коишто имаат такво помагало на своите срца. Нив во земјава ги има дваесеттина а се дел од националната листа за трансплантација. За нив помагалото претставува само привремено решение додека се најде соодветен орган за трансплантација поради што Здружението „Храбро срце“ од лани започна национална кампања чија цел е подигање на свеста кај граѓаните за важноста и потребата од органодарителство.

„Крајно време е да се крене свеста кај народот за органодарителството бидејќи постои една статистика во којашто шансите да станеме примател на некој орган, да ни биде потребен орган се 20 пати поголеми отколку да бидеме во ситуација да донираме органи. Оваа општествена работа што ја правиме ние е важна за сите нас. Зошто? Не знаеме кој следен од нас ќе се најде на таа листа за чекање“, изјави Ирена Р. Најдевска поддржувач на Здружението „Храбро срце“.

Во националната кампања се вклучени и наши сонародници од странство кај кои е веќе извршена трансплантација на срце.

„Благодарение на мојата личност и неговата фамилија јас добив можност за живот во март 2019-та со нивната одлука. Сега живеам најнормално и ги извршувам сите мои обврски“, изјави Дарко од Канада.

„Живеам во Шведска и носев EL-VAD една година. Живеев многу тежок живот со многу компликации. Есента 2018-та го добив мојот подарок благодарение на хуманото семејство кое дозволи да се донираат органите од нивен близок човек. Го живеам вториот живот“, изјави Панде од Шведска.

Здружението „Храбро срце“ има силна поддршка од државата, лекарите и многу јавни личности. Доколку нивната мисија биде успешна во иднина ќе бидат спасени многу животи.

Сашо Нелоски | МРТ

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни