Постојаните напади кон АД ЕСМ (поранешно АД ЕЛЕМ) од страна на Христијан Мицкоски имаат две цели: да го потврдат статусот на Мицкоски како најнеуспешен директор на Државните електрани во историјата на компанијата и да го ублажат, колку што е можно, извесниот пораз што го очекува на следните избори, реагира СДСМ.
– Мицкоски сака на три месеци до избори да застане се за да може тој да се оправда пред своето членство за новиот пораз што ќе го доживее. И самиот Мицкоски треба да биде свесен дека одамна зад нас е 2017 година, кога во јануари потпиша договори од јавни набавки од десетици милиони евра со рок на траење од две години. Дополнително, веднаш по поразот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, кога беше кристално јасно дека партијата заминува во опозиција, во функција на генерален директор на тогаш АД ЕЛЕМ, а сега АД ЕСМ, Мицкоски склучи договор за ископ со Марковски компани, после постапка со преговарање или според неговиот вокабулар, постапка во четири очи – велат од СДСМ:
Партијата порача наместо тој да ја замајува и засмејува јавноста со секојдневни неосновани напади врз АД ЕСМ, Мицкоски најпрвин треба да си признае себеси дека фактот што го раководел некогаш АД ЕЛЕМ не значи и познавање на областите енергетика и економија. И во двете области Мицкоски има единица!
– Неговите „резултати“ во работењето го прават најнеуспешниот директор во историјата на компанијата, во чие време цената на струјата се поскапи за 100 проценти – велат од СДСМ.