„Воздухопловите од Србија завршија голема работа и благодарен сум за тоа“, рече премиерот Зоран Заев утрово при посетата на пожарите во Беровско.
Авионите од Србија кои пристигнаа први на помош кај нас, веднаш се упатија кон Грција, каде што во Атина беснеат големи пожари кои се надвор од контрола.
Илјадници луѓе досега избегаа од своите домови на грчкиот остров Евија, додека пожарите неконтролирано горат веќе шести ден, а траекти подготвено чекаат за да евакуираат уште жители и туристи.
Додека стивнуваат пожарите во северните предградија на Атина, огнот на Евија брзо се разгорува на неколку фронтови, уништувајќи илјадници хектари шума во северниот дел на големиот остров.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека ова е кошмарно лето за земјата, што се должи на најголемиот жежок бран во последните 30-ина години, проследен со високи температури и силни топли ветрови. На терен се распоредени повеќе од 1.000 пожарникари, но и припадници на армијата. Според Европскиот систем за шумски пожари, во изминатите десет дена изгорела површина од 56.000 хектари.