Балкан

Игор Додик предложен за мандатар за состав на Владата на Република Српска

Игор Додик предложен за мандатар за состав на Владата на Република Српска

Претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, го предложи Игор Додик за мандатар за состав на новата влада на овој ентитет во Босна и Херцеговина. Одлуката уследи по консултациите со парламентарните партии, а за изборот на владата ќе решава Народното собрание на Република Српска. Уставниот рок од 40 дена за презентација и изгласување на кабинетот тече од денеска. Миниќ претходно изјави дека очекува Република Српска да добие нова влада до средината на декември.

Сојузот на независни социјалдемократи и уште шест партии го потпишаа коалицискиот договор на 16 ноември во Бања Лука. Игор Додик, кој има 37 години, првпат се кандидираше на изборите во октомври годинава. Како носител на листа на Сојузот на независни социјалдемократи освои пратенички мандат и во новиот состав на Народното собрание стана координатор на пратеничката група на партијата. Партиска функција има од февруари 2024 година, кога беше именуван за организациски секретар, а потоа го предводеше и изборниот штаб.

Во спортската јавност е познат како генерален менаџер на кошаркарскиот клуб „Игокеа“ и поранешен директор на регионалната АБА лига. Во интервју за порталот „Кликс“ во септември, на прашањето дали би ја имал истата позиција во партијата ако носел друго презиме, Игор Додик изјави дека презимето му донело препознатливост и ран пристап до политичките разговори. „Ако сакав да го злоупотребам презимето, ќе го искористев како скратен пат до некоја позиција во извршната власт“, рече тогаш Додик, образложувајќи ја одлуката да се кандидира за пратеник.

Во октомври 2023 година, Соединетите Американски Држави воведоа санкции против Игор Додик и неговата сестра Горица. Американското Министерство за финансии тогаш ги посочи како дел од мрежа што, според неговата оцена, му овозможувала на нивниот татко, Милорад Додик, да пренасочува јавни средства во корист на семејството. На 29 октомври 2025 година, Вашингтон ги укина санкциите против Милорад Додик, членови на неговото семејство и повеќемина негови соработници.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни