Македонија

Итното постапување за семејно насилство мора да донесе вистинска заштита, предупредуваат правниците

Итното постапување за семејно насилство мора да донесе вистинска заштита, предупредуваат правниците

Секоја пријава за семејно насилство веднаш да стигнува до Обвинителството, а полицијата, обвинителите и социјалните служби да постапуваат заедно, без меѓусебно чекање. Ова го предвидува договореното координирано итно постапување меѓу Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика, за кое експертите предупредуваат дека мора да донесе реална заштита за жртвите.

Договорот следува по низата фемициди што предизвикаа реакции во јавноста и барања за одговорност на институциите.

Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за повредите, процена на ризикот и прибирање на потребните докази. Целта, според Обвинителството, е побрзо донесување обвинителска одлука, навремена заштита на жртвите и кривичен прогон на сторителите.

Правниците предупредуваат дека договореното не смее да остане формалност или потег за подобрување на јавната слика на институциите. Посочуваат дека случаите не треба да се третираат како изолирани инциденти и дека итното постапување мора да биде придружено со системска превенција.

Правничката Атанасова потсетува дека протокол за мултисекторска соработка постои од 2023 година. Таа го поддржува неговото унапредување за да се подобрат постојните механизми и да се обезбедат интегрирана заштита и поддршка за жртвите.

Како неопходни мерки ги издвојува препознавањето на различните форми на насилство од најрана возраст и обуката на службените лица што први доаѓаат во контакт со жртвите. Укажува и на потребата од јасно спротивставување на говорот со кој насилството се оправдува, релативизира или нормализира, во јавноста и на интернет.

Во меѓувреме, дел од невладините организации упатија барања до институциите, жените од сите политички партии и меѓународната заедница.

Меѓу нив е издвојување најмалку 200 милиони денари во буџетот за 2027 година за помош и заштита на жртвите, како и усвојување законски измени и утврдување одговорност за институционалните пропусти и фемицидите.

Организациите бараат и повлекување на измените во образованието што ги оценуваат како штетни, како и враќање на сексуалното образование.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни