Американската војска соопшти дека Авганистанка, евакуирана од Кабул, се породила со авион кој полетал од Блискиот Исток до базата Рамштајн во Германија.
Оваа воздушна база се користи како транзитна точка за луѓето евакуирани од Авганистан.
Бремената Авганистанка имала компликации за време на вчерашниот лет, а пилотот ја намалил надморската височина со цел да го зголеми воздушниот притисок во кабината, што придонело за стабилизација на нејзината состојба и го спасило нејзиниот живот, изјавила американската војска.
По слетувањето во базата Рамштајн, американските лекари се качиле на авионот и го извршиле породувањето.
Војската додаде дека мајката и бебето се префрлени во блиската здравствена установа и се во добра состојба.