Македонија

Пелагониските сточари и земјоделци на протест поради неисплатени средства и ниската цена на млекото

Пелагониските сточари и земјоделци на протест поради неисплатени средства и ниската цена на млекото

Незадоволството кај сточарите и земјоделците поради доцнењето на дел од плаќањата и состојбата во земјоделскиот сектор се зголемува. Сточарите и земјоделците од Пелагонија за 30 септември најавија протест, на кој ќе побараат исплата на заостанатите средства и поголема поддршка за производството.

Протестот ќе започне во 11 часот кај Тополчани, кај млинот „Осман“, на патот Битола-Прилеп. Организатори се здруженијата „Пелагониско поле“ и „Фармери Југозапад“, а најавено е протестот да трае околу час и половина.

Сточарите посочуваат дека сè уште не им е исплатена премијата за предаденото млеко за периодот од јули 2025 година, а дополнително реагираат и на падот на откупната цена.

Според нив, откупната цена на млекото од страна на млекарниците за една година е намалена за околу 10 денари. Тие наведуваат дека лани литар млеко се откупувал и за 33 денари, додека сега цената е околу 23 денари.

„Досега требаше да бидеме исплатени и за првиот квартал од 2026 година. Но, сè уште немаме пари за десет месеци. Го демантираме министерот Серафимовски кој кажува дека 90 проценти од субвенциите за 2025 се исплатени. Ние велиме дека нема исплата ни на 50 проценти од обврските кон земјоделците“, изјави Борче Бучински од здружението „Пелагониско поле“.

Тој побара земјоделците да бидат вклучени во креирањето на Програмата за финансиска поддршка за 2027 година, како и зголемување на поддршката за сточарите.

„Бараме за Програмата за 2027 година да бидеме вклучени во нејзиното донесување и да бидеме исплатени по 250 евра од крава, а не како досега 8.000 денари, кои беа намалени од 12.000 денари како што беше пред две години“, рече Бучински.

Од здружението „Фармери Југозапад“ велат дека претходно се обиделе проблемите да ги решат преку разговори со Министерството за земјоделство, но без успех.

„Жал ми е што мораме да протестираме за нашите проблеми“, вели претседателот на здружението, Миле Кебакоски.

Според податоците наведени од познавачи на состојбите во секторот, обврските кон сточарите за 2025 година по основ на неисплатена премија за предадено сурово млеко се проценуваат на околу 600 милиони денари, додека за првите месеци од 2026 година се проценуваат на околу 500 милиони денари.

Последната исплата на премијата за млеко била реализирана во март годинава, кога Платежната агенција исплатила 270 милиони денари на 4.545 производители за периодот јануари-јуни 2025 година. Премијата изнесувала шест денари по литар за кравјо млеко и седум денари за овчо и козјо млеко.

Право на премија имаат сточарите кои месечно предаваат најмалку 300 литри млеко по земјоделско стопанство.

Од друга страна, субвенциите по грло за 2025 година се исплатени. На крајот на август, одгледувачите на говеда добиле 372 милиони денари, средства исплатени на сметките на 4.284 сточари, со поддршка од 8.000 денари по грло.

Во август биле исплатени и 85 милиони денари на 1.159 одгледувачи на кози, додека во пролетта на 2.139 одгледувачи на овци им биле исплатени една милијарда денари.

Сепак, сточарите велат дека доцнењето на исплатите сериозно влијае врз нивното работење. Венцо Ангелов, сопственик на фармата „Хајди“ од Видовиште, Кочанско, вели дека не памети субвенциите да доцнеле толку долго.

„Како што оваа година каснеа субвенциите, така никогаш повеќе да не се повтори. Субвенциите се битна капка крв за опстанок и развојот на сточарството и земјоделието. Само со зголемување на субвенциите и навремена исплата земјоделието и сточарството ќе оживеат во Македонија“, вели Ангелов.

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски, пак, неодамна изјави дека годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството и дека досега се исплатени околу 6,5 милијарди денари субвенции.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Серафимовски посочи дека по преземањето на функцијата на 13 јули биле реализирани седум одделни исплати во вкупен износ од 1,227 милијарди денари.

Министерот најави и засилени контроли на доделените субвенции, при што, како што рече, досегашните проверки покажале нереални приноси, неправилности кај дел од земјоделските стопанства и злоупотреби во сточарството.

„Секој исплатен денар за непостоечка површина, нереален принос или грло што фактички не постои значи помалку средства за оние што навистина произведуваат“, рече Серафимовски.

Најавата за протестот доаѓа во период кога сточарите бараат расчистување на заостанатите обврски, но и конкретни мерки за подобрување на условите за производство и откуп на млекото.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни