Свет

Борис Џонсон свика состанок на Г7 за Авганистан

Виртуелен состанок на лидерите на Г7 за ситуацијата во Авганистан ќе се одржи во вторник, британскиот премиер Борис Џоносон, чија земја во моментов претседава со „седумте“ држави (Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Обединетото Кралство), најави денеска.

„Во вторник ќе ги свикам лидерите на Г7 на итни разговори за ситуацијата во Авганистан. „Важно е меѓународната заедница да ги здружи силите за да обезбеди безбедна евакуација, да спречи хуманитарна криза и да му помогне на авганистанскиот народ да го одржи напредокот (постигнат) во последните дваесет години“, напиша британскиот премиер на Твитер.

Во четвртокот веќе се одржа состанок на министрите за надворешни работи на Г7. По состанокот, министрите ги повикаа Талибанците да им гарантираат „безбедност“ на странците и Авганистанците кои сакаат да го напуштат Авганистан.

Во исто време, тие ја истакнаа „потребата сите страни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право“.

Една недела откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, илјадници луѓе продолжија да се обидуваат да ја напуштат земјата во неделата, ставајќи ги своите животи во опасност, бидејќи евакуацијата на странски државјани продолжи во тешки услови.

Седум Авганистанци загинаа во метежот, соопшти во неделата британското Министерство за одбрана, без да даде други детали, додека официјален претставник на НАТО рече дека најмалку 20 лица загинале во и околу аеродромот во Кабул во последните недели.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни