Македонија

Пристигнуваат првите 250 фингер-принт апарати, граѓаните се проверуваат во Избирачкиот список

На локалните избори закажани за 17-ти октомври, за прв пат во земјава ќе се спроведат избори со користење на фингер-принт апарати. Од Државната изборна комисија најавуваат дека до крајот на оваа недела ќе пристигнат првите 250 апарати, а подоцна и останатите.

Германската компанија „Дермалог” со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Меѓу другото, вработени од компанијата „Дермалог” треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните. 

Во подрачните единици и канцеларии на Државната изборна комисија, како и преку апликација на нивната веб страница граѓаните до 9 септември можат да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список и да побараат нивно запишување, бришење или дополнување. Во првите два дена од увидот на 21 и 22 август во подрачните единици и канцеларии на Комисијата увид во Избрачкиот список направиле 821 граѓанин, а од нив само еден поднел барање за запишување во Неготино. Во меѓувреме, излегоа и првите извештаи за неправилности во списокот.

Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.

Се зголемува и бројот на кандидатите кои собрале потписи за кандидати за градоначалници или носители на листи. Од 16 август започна и собирањето потписи за независни листи во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а рокот истекува на 30 август во 24 часот. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни