Комората на психолози на Република Македонија излезе со јавно соопштение по објавувањето на документарниот филм „Сценариото на нарцисот“, во кој се изнесени сериозни сведоштва за емоционална злоупотреба. Од Комората нагласуваат дека Сем Вакнин не е нивен член и дека немаат надлежност над неговото дејствување.
Реакцијата следува по објавувањето на документарецот, кој отвора прашања поврзани со психолошката и емоционалната злоупотреба, како и со потребата од стручна и професионална поддршка за лицата што се соочуваат со вакви искуства.
„Сакаме да истакнеме дека лицето Сем Вакнин не е член на нашата Комора, поради што институцијата нема надлежност над неговото дејствување“, се наведува во соопштението.
Од Комората упатуваат апел до граѓаните кои имаат потреба од грижа за своето ментално здравје да побараат помош исклучиво од лиценцирани психолози и психотерапевти.
Посебно предупредуваат на важноста од проверка на стручните квалификации и лиценците пред започнување каков било психолошки или психотерапевтски третман.
„Пред да започнете каков било процес, секогаш проверувајте дали стручното лице поседува важечка лиценца за работа издадена од Комората, со цел да си обезбедите безбедна и професионална поддршка“, порачуваат од Комората.
Во соопштението се изразува и сочувство и солидарност со сите лица кои биле изложени на психичка злоупотреба.
„Изразуваме длабоко сочувство и солидарност кон жртвите на каква било психичка злоупотреба во ваков и сличен контекст“, наведуваат од Комората на психолози.
Со оваа реакција, Комората ја нагласува важноста од заштитата на менталното здравје и од ангажирањето соодветно лиценцирани стручни лица при барање психолошка помош.