Започнува со изградба нова клучка со која ќе се поврзат булеварите „Словенија“, „Никола Карев“ и „Хасан Приштина“, со која значително ќе се подобри поврзаноста и ќе се одговори на реалните потреби на граѓаните и стопанствениците кои живеат и работат во овој дел од градот, најави Битиќи.
Со ребаланс на буџетот, Владата обезбеди 2 милиони евра за првата фаза на овој проект, чија вкупна вредност изнесува над 8,5 милиони евра, а се очекува да биде завршен за две и пол години.
„Граѓаните од Бутел, Чаир, Карпош, Шуто Оризари, Чучер Сандево, но и сите други граѓани на Скопје, ќе добијат современо инфраструктурно-патно решение, со уредени пешачки и велосипедски патеки и зелен појас, со што значително ќе им се олеснат секојдневните обврски. Воедно, ќе се овозможи дополнителен развој на компаниите од индустриската зона Визбегово, кои вработуваат околу 2.500 лица и имаат вкупни приходи од над 700 милиони евра, за побезбеден и побрз транспорт на стоки. Скопје станува поинаква приказна, со новиот булевар „Босна и Херцеговина“ и проектираниот булевар „Хасан Приштина“, со уредувањето на булеварите „Никола Карев“ и „Борис Трајковски“, реконструкција на „Партизански одреди“, „Теодосиј Гологанов“ и „Александар Македонски“, како и многу други инфраструктурни проекти. Добрата инфраструктура значи добра поврзаност, добрата поврзаност-соработка, а соработката носи побрз развој“, додаде Битиќи.