Балкан

Речиси 7.000 невакцинирани здравствени работници во Грција се суспендирани

Речиси 6.500 здравствени работници и 500 луѓе од персоналот на службата за итна помош се привремено суспендирани бидејќи не го испочитувале рокот за вакцинирање против КОВИД-19, пренесува весникот „Катимерини“. Се повикува на изјавата на министерот за здравство Танос Плеурис.

Министерот вчера во парламентот посочи дека од 6.412 здравствени работници кои се суспендирани, 5.594 работат во болници и 818 во примарна здравствена заштита. Од 500 лица отстранети од персоналот на службата за итна помош, 400 се членови на тимовите за итни случаи.

Плеурис посочи дека фактот што 400 здравствени работници се вакцинираа во понеделникот, неколку дена пред истекот на рокот, покажува дека одлуката на владата вакцинацијата да биде задолжителна за медицинскиот персонал функционира.

Во исто време, министерот вчера објави дека промената на законот ќе им даде можност на отстранетите невакцинирани медицински лица кои ја добиваат првата доза вакцини против КОВИД-19 да се вратат на работа под услов да ја завршат вакцинацијата.

1 септември беше последниот ден на кој здравствените работници во Грција можеа да ја добијат барем првата доза вакцини КОВИД-19 за да останат на своите работни места. Грчкиот парламент усвои закон со кој вакцинацијата против коронавирус е задолжителна за вработените во државните, општинските и приватните болници. Според законот, доколку здравствениот работник не е вакциниран, тој / таа ќе биде суспендиран од работа без право на надомест.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни