Вечерта на несреќата таа не била на работа, но низ солзи раскажува дека го дале својот максимум за сите пациенти.
-Многу голема трагедија, голем стрес за нас сестрите. Жал ни е за семејствата. Вечерта кога се случи несреќата ние не бевме на местото на настанот, но го дадовме својот максимум.
12 пациенти кои успеаја да се спасат од пожарот кој на 8 септември избувна во модуларната болница во Тетово се во добра и стабилна состојба. Немаат изгореници, а во моментов примаат терапија против коронавирус, објаснува дежурната медицинска сестра.
Во моментот на пожарот во модуларната болница имало вкупно 26 лица, од кои 14 не успеале да се спасат, или пак некој да ги евакуира. Станува збор за пациенти и нивни роднини, додека меѓу починатите нема медицински персонал.