Многу прашања, малку одговори по трагедијата во Тетово, која со брзина на молња го обиколи светот. Сите очи сега се вперени кон науката која треба да ги даде најпрецизните одговори, како се случи инцидентот, кој треба да сноси одговорност и дали можело да се спасат човечките животи.
На социјалните мрежи секојдневно се појавуваат нови и нови аматерски видео снимки. Сите ги покажуваат мрачните сцени од Тетово и судбината на пациентите, но ниту една досега не ја откри вистинската причина. Објавени беа и снимки од безбедносните камери, кои пак се дел и од истрагата во Јавното обвинителство.
Локалните жители се првите кои по 21 часот во средата пристигнаа на местото на несреќата. Тие се првите очевидци, првите кои помагале во евакуацијата на хоспитализираните пациенти, но и први кои јавија за големиот пожар. Велат, во три минути изгоре се, потврдуваат дека се слушнале и неколку експлозии.
Според изјави од експерти, една од можните причини за брзината со која се раширил пожарот е токму концентрацијата на чист кислород во Ковид болницата во Тетово. Кислородот е дополнителен сојузник на огнот кога има една искра или мал пламен. Било каков материјал кој е збогатен во атмосферата со кислород е неколку пати по лесно запалив, од истиот материјал до кој не допира кислород. Токму експертите и тоа го потврдуваат, дека немаше буквално за три минути да изгори цел објект доколку во атмосферата имало нормален воздух.
Кислородот бара соодветно чување и ракувањето со истиот. Колку што може да помогне кај пациентите, толку истовремено е и опасен по животот на човекот. И за ова научниците предупредуваат, а внимание да се обрни при ракувањето со кислородот оваа година издаде и Европската унија.
Засега од истрагата е познато дека се запленуваат материјали поврзани со модуларната болница во Тетово. Се одземаат од Министерството за здравство, фирмите кои ја градеа истата, а на разговори се повикуваат лица кои таа вечер биле на работа, како и локалното население кои први пристигнаа на местото на несреќата.