Нови рестриктивни мерки засега нема освен оние што се за влез на настани, угостителски објекти каде се бара една доза. Но, веќе од средината на октомври ќе има мерка со која ќе функционираат само оние граѓани кои се целосно имунизирани, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека станува збор за мерка која ја воведуваат сите земји во Западна Европа и за патување, за влез на граници, настани, угостителски објекти итн.
– Тоа што сега следиме и според што се водиме се препораки на меѓународни тела, искуства од некои други земји од Западна Европа, САД, Канада итн. и тука се јасни препораките дека постарите граѓани, тие кои сакаме да ги заштитиме затоа што тие имаат и најголем број хронични болести се таа категорија граѓани кои после шест месеци од примена втора доза ќе можат да примат трета доза. Повеќе студии во светот укажуваат на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста односно дека е на некој начин буст на имунитетот кога ќе се прими и трета доза. Затоа сега почнуваме со граѓаните постари од 60 години, понатаму сите здравствени работници без оглед на возраста, а тоа е така поради тоа што тие се најмногу изложени на ризик да заболат и без оглед на возраста и пациентите кои имаат некаква форма на имунокомпромитација, рече Филипче.
Целта е, појасни министерот, да имаме што поголем процент на опфат со имунизација кај нашето население, кое сега е околу 37 проценти на тоталната популација.
-Граѓаните над 40 години се имунизирани над 50 проценти, меѓутоа сега интересот е на некој начин спласнат. Можно е во следниот период согласно новите препораките така како што ќе излегуваат и од регулаторните тела и исксуствата од другите земји и од студиите кои ќе излегуваат, да препорачаме трета доза и за други категории граѓани. Заразата се шири најмногу кај неимунизираните граѓани. Над 86 проценти од сите новодијагностицирани, тие пациенти кои се во болница се неимунизирани. Граѓаните мора да сфатат дека ова е единствениот начин да ги нормализираме животите, да се растовари здравствениот систем, а тие да го заштитат своето здравје, истакна Филипче.