Македонија

Апсења на Универзитетот во Штип: За пари менувале оценки и бришеле податоци од електронски индекси

Апсења на Универзитетот во Штип: За пари менувале оценки и бришеле податоци од електронски индекси

Двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се уапсени под сомнение за злоупотреба на службената положба и компјутерска измама. Според Министерството за внатрешни работи, станува збор за раководителот на информатичкиот сектор Р.Т. (44) и М.М.Н. (44), советничка во студентската архива, против кои е поднесена кривична пријава.

Според информациите од МВР, првоосомничениот подолг временски период, во замена за различни парични надоместоци, им овозможувал на студенти од Турција да пријавуваат и полагаат испити надвор од законски предвидените рокови.

Се сомничи и дека незаконски менувал и бришел оценки и кредити во електронските индекси, со што им овозможувал на студентите неосновано да запишуваат нов семестар или академска година. Дополнително, во електронскиот систем внесувал податоци дека школарината е платена, иако уплатите не биле извршени.

На 3 ноември полицијата спровела координирана акција со претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, по наредба на Основниот суд во Штип.

При претресот во домот на Р.Т. биле пронајдени и одземени 954.800 денари, 4.750 евра и 600 американски долари, како и три лаптоп-компјутери, четири мобилни телефони, четири УСБ-уреди и документација. Претрес бил извршен и во просториите на Универзитетот, каде што бил одземен компјутер.

При проверката на електронскиот систем за студентска евиденција и универзитетските бази на податоци, истражителите откриле дигитални траги од извршени измени поврзани со двајцата пријавени.

По дополнителна судска наредба бил претресен и домот на М.М.Н., по што и таа била лишена од слобода.

Против двајцата е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Штип, кое ќе постапува по случајот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни