Македонија

Интервју со Илхан Ќучук – до крајот на годината решение за спорот Македонија-Бугарија

Известувачот на Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук во интервју за ТВ21, вели дека доаѓањето на високи функционери од Европската унија во Македонија е добар знак.

„Од друга страна вистински работеше за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија. Се сеќавате какви огромни напори вложи и во однос на Берлинскиот процес и во однос на други иницијативи. Значајно тука е што госпоѓа Фон дер Лајен дојде и ги посети сите држави од регионот, со конкретно ветување кое е поврзано со иднината на Западниот Балкан во Европската Унија“, истакна Ќучук.

Тој додава дека има можност да се започне дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија кој ќе биде на ново ниво.

„Јас сметам дека има можност да започне дијалог кој ќе биде на ново ниво. Не е тајна дека многу месеци бевме на многу ниска точка во нашите односи и за тоа виновни има од сите страни, но сметам дека има можност, а и во политиката никогаш не треба да се става точка, секогаш треба да се става запирка, уште повеќе во дипломатијата. Да се побара секоја една можност до крајот на годината да биде направено тоа важно решение и за двете земји“, додава Ќучук.

Тој вели дека Франција која што ќе претседава со Европската Унија во следните 6 месеци, веќе декларативно изјави дека нема да се занимава со ова прашање, па затоа останува да чекаме друго претседателство, кое го има Чешка, но со самото одложување на еден проблем тој не се решава, туку се продлабочува.

„Има претседателски избори, но освен претседателските избори Франција ќе сака да ја врати поголемата автономија на Европската Унија, т.е. да се произведуваат повеќе производи во Европа, тие да бидат конкурентни на глобалниот светски пазар, да бидеме конкурентни со големи геополитички играчи како Кина, Русија, Соединетите Американски Држави, тоа ќе биде основниот фокус на Француското претседателство“, посочува Ќучук.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни