Бројот на новодијагностицирани случаи на рак во Македонија се зголемил за 16 проценти во период од десет години, а потребата од навремена дијагностика и континуирано лекување станува сè поизразена. Во 2023 година биле регистрирани 8.371 нов случај на малигни заболувања, додека 3.726 лица починале од оваа болест. Во насока на подобрување на грижата за пациентите, здравствените власти најавуваат воспоставување национална онколошка мрежа, единствени стандарди за лекување и долгорочен план за контрола на ракот.
Овие прашања беа во фокусот на работилницата „Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија“, организирана од Министерството за здравство и здружението ХЕМА-ОНКО. Според Министерството, на настанот за првпат заеднички дискутирале претставници на Владата, здравствените институции, академската заедница, пациентските организации и меѓународни експерти.
Министерот за здравство Сашо Клековски оцени дека е неопходна суштинска промена на постојниот модел на лекување, од фрагментиран и преоптоварен систем кон координирана национална мрежа со единствени стандарди и сеопфатен пристап кон пациентите.
– Сега е критичен момент како од фрагментиран и преоптоварен систем на онколошка грижа да преминеме во сеопфатен национален план и онколошка мрежа со единствени стандарди – изјави Клековски, нагласувајќи дека процесот ја има поддршката на Владата и здравствените власти.
Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, истакна дека за првпат грижата за пациентите со малигни заболувања се разгледува на толку високо институционално ниво, со вклученост на сите релевантни чинители и европски експерти.
Податоците презентирани на работилницата покажуваат дека во Македонија дневно се дијагностицираат околу 23 нови случаи на рак, додека просечно 11 лица дневно умираат од последиците на болеста.
Професорот Жозеф Глигоров од Универзитетот Сорбона и болницата „Тенон“ во Париз ги претстави европските практики во онколошката грижа и ја нагласи потребата од воспоставување национална мрежа. Предложениот модел предвидува еден сеопфатен онколошки центар да ја координира грижата на национално ниво, најсложените случаи да се третираат централизирано, а стандардните терапии да бидат подостапни за пациентите поблиску до нивното место на живеење.
Меѓу главните слабости на актуелниот систем биле посочени нискиот опфат на скрининг-програмите, недоволните дијагностички капацитети и преоптовареноста на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Опфатот на скринингот за рак на дојка е под шест проценти, додека клиниката располага со три линеарни акцелератори за потребите на околу 1,8 милиони жители.
Сепак, на работилницата биле презентирани и позитивни поместувања. Во 2025 година дијагностичките услуги биле зголемени за 15 проценти, а бројот на радиотерапевтски третмани за 55 проценти. Според изнесеното, подобрувањата се поврзуваат со поорганизирана работа и ангажманот на здравствените работници.
Клековски најави дека во следниот период ќе се преземат итни мерки за стабилизирање на системот, паралелно со подготовката на долгорочен национален пристап кон контролата на ракот. Во планираните активности е вклучена и изработка на студија за потребната инфраструктура и технологија за унапредување на онколошката грижа.
– Пациентите што се лекуваат денес не можат да чекаат, па затоа прво доаѓаат итните мерки. Паралелно започнуваме повеќе активности, како студија за инфраструктурата и технологијата и градење на долгорочен национален пристап кон контролата на ракот – изјави министерот.
Тој информираше и дека Македонија од оваа година учествува во европската програма EU4Health под исти услови како земјите-членки на Европската Унија. За искористување на европската финансиска поддршка, како што нагласи, неопходни се национален план, јасно определена водечка институција и квалитетни податоци.
Воспоставувањето национална онколошка мрежа, подобрувањето на раното откривање и обезбедувањето континуирана терапија остануваат меѓу клучните предизвици за здравствениот систем, со цел пациентите да добиваат навремена, достапна и квалитетна здравствена грижа.