Македонија

Град Скопје: Раскинувањето на договорот за Луна паркот нема да го одложи проектот

Град Скопје: Раскинувањето на договорот за Луна паркот нема да го одложи проектот

Скопје треба да добие современ Луна парк до крајот на 2027 година, со нови забавни атракции, водени содржини и зони за интерактивни игри. Од Град Скопје информираат дека спогодбеното раскинување на договорот склучен по новиот тендер нема да влијае врз предвидениот рок за реализација на проектот.

Според најавите, за еден месец треба да започне монтажата на седумте реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот. Дополнителните атракции, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, ќе бидат предмет на нов тендер, кој дополнително ќе биде објавен.

Од Градот објаснуваат дека одлуката за спогодбено раскинување на договорот била донесена за да се избегне двојна набавка на исти реквизити и непотребно трошење на јавните средства. Претходно, по раскинувањето на договорот за набавка на реквизити склучен во времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, фирмата повела судска постапка против Град Скопје.

Според соопштението, судската одлука во корист на фирмата, со која Градот има обврска да ги плати реквизитите, била донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер. Бидејќи со новата набавка биле опфатени и реквизити предвидени во претходниот договор, Градот одлучил договорот да биде раскинат спогодбено.

Со новиот тендер треба да се набават дополнителни содржини, а вредноста на новиот договор, според најавите на Град Скопје, ќе биде помала од 10 милиони евра.

Планирано е новиот Луна парк да се простира на поголема површина од некогашниот, вклучувајќи го и просторот во Градскиот парк каде што се наоѓаа летните дискотеки, отстранети пред шест месеци. Проширувањето треба да овозможи поставување повеќе атракции и подобра организација на содржините.

Покрај класичните забавни реквизити, предвидени се ролеркостер, панорамско тркало, водени атракции, интерактивни игри и зони за виртуелна реалност. Целта е да се создаде комплекс со содржини за посетители од различни возрасти.

Град Скопје наведува дека реализацијата на проектот останува во рокот предвиден во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, односно до крајот на 2027 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни