Македонија

Гордост за Македонија: Фудбалерите на тимот „Карпошово“ со Даунов синдром се балкански шампиони

Гордост за Македонија: Фудбалерите на тимот „Карпошово“ со Даунов синдром се балкански шампиони

Македонија доби балкански фудбалски шампиони! Тимот „Карпошово“, составен од фудбалери со Даунов синдром и лесна интелектуална попреченост, го освои првото место на Балканското првенство, кое од 2 до 4 октомври се одржа во Софија, Бугарија.

На турнирот учествуваа екипи од Македонија, Бугарија, Србија и Хрватска. Натпреварувањето беше организирано од Федерацијата за адаптирана физичка активност на Бугарија, а натпреварите се одиграа на терените на Воената академија „Георги С. Раковски“ во Софија.

Триумфот на „Карпошово“ е резултат на посветеноста, тимската работа и ангажманот на фудбалерите и нивниот стручен штаб. Успехот претставува значајно достигнување за македонскиот спорт и дополнителен поттик за развој на инклузивниот фудбал.

Клубот е дел од проектот „Фудбал за сите деца“, кој се реализира со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија и Фондацијата за деца на УЕФА. Преку оваа иницијатива, децата и младите со интелектуална попреченост добиваат можност активно да спортуваат, да ги развиваат своите способности и да бидат дел од фудбалската заедница.

Освоеното прво место во Софија испраќа силна порака за еднаквите можности и важноста на инклузијата во спортот. Со соодветна поддршка и пристап, лицата со попреченост можат да тренираат, да се натпреваруваат и да остваруваат значајни резултати и на меѓународната сцена.

Од Фудбалската федерација на Македонија им го честитаа успехот на фудбалерите на „Карпошово“, истакнувајќи ја гордоста од постигнатиот резултат и значењето на спортот како средство за поврзување, еднаквост и вклучување на сите во општеството.

Триумфот во Софија е уште една потврда дека спортот ги надминува границите и предрасудите, а посветеноста и тимскиот дух можат да донесат успеси со кои се гордее целата земја.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни