Македонија

Од синоќа затворен вакциналниот пункт „Борис Трајковски“ – интерес нема, иако се трошат илјадници евра за кампања

-Поради намалениот интерес од страна на граѓаните за вакцинирање, најголемиот вакцинален пункт во Скопје салата „Борис Трајковски“, од синоќа е вон функција. Од Министерството за здравство велат дека доколку има потреба, пунктот повторно ќе биде отворен-вели репотерката на ТВ21.

Од МЗ објаснуваат дека друга причина за затворање на овој пункт е тоа што просториите на центарот се потребни за други активности. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, најмногу граѓани вакцинирани со прва доза има во Охрид, Кавадарци, Гевгелија и Неготино.

-Најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид, Кавадарци, Гевгелија и Неготино. Најголем опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Д.Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип. Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирани граѓани има во градовите Кичево, Св.Николе, Кочани, Делчево, К.Паланка, Струга, М.Брод, Скопје и Тетово. Најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш-велат од Министерството за здравство.

Во Скопје имунизацијата се врши во седум поликлиники. Во „Букурешт“, „Јане Сандански“ и Чаир се работи во две смени, а во една смена работат поликлиниките „Ѓорче Петров“ Драчево, Ченто и Шуто Оризари.

Масовната вакцинација во салата „Борис Трајковски“ започна во април, а пунктот беше затворен кон крајот на јули. Поради зголемувањето на бројот на граѓани кои пројавија интерес за вакцинација и со цел намалување на притисокот врз вакциналните пунктови во здравствените домови, вратите на салата „Борис Трајковски“ беа повторно отворени во август.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни