Македонија

Локални избори 2021: Денеска гласаат овие граѓани

Седмите локални избори во земјава ќе се одржат утре, а денес гласаат болните и немоќните, лицата кои се инфицирани со ковид-19 или се во изолација, затворениците, лицата во притвор, во старски домови и внатрешнораселени лица.

Општинските изборни комисии прифатиле барањата на 7921 болни или немоќни лице да гласаат во своите домови, како и на 476 лица во самоизолација или домашна изолација поради Ковид – 19.

Гласањето кај болните и немоќните лица ќе го спроведуваат членови на избирачките одбори каде што тие се пријавени со посета на нивните домови, додека за лицата со Ковид 19 и во изолација гласањето ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од здравствени работници.

Денеска, еден ден пред официјалното одржување на Локалните избори гласаат и затворениците, лицата во старските домови и внатрешно раселените лица.

Според информациите од посебните изводи од Избирачкиот список, во казнено поправните установи, денес ќе гласаат 1899 лица, во старските домови 351, а право на глас имаат шест внатрешно раселени лица.

Првпат на овие избори ќе се применат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст, но за лицата што денес ќе гласаат овие уреди нема да се применуваат.

Тие ќе гласаат како и досега со користење на Ув ламба, за проверка дали гласале и безбоен спреј, кој со проверка на УВ ламба покажува дали лицето гласало или не.

Резултатите од гласањето на овие лица ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни