Македонија

Голема полициска акција низ државата: Контроли во кафулиња, казина и ноќни клубови

Голема полициска акција низ државата: Контроли во кафулиња, казина и ноќни клубови

Кафулиња, ноќни клубови, казина и кладилници низ Македонија биле опфатени со обемна полициска и инспекциска акција, при која биле откриени повеќе неправилности, а дел од објектите биле затворени. Според неофицијалните информации, контролите опфатиле повеќе од 60 локации, а биле извршени и претреси и приведени повеќе лица.

Во акцијата, спроведена вчера и во текот на ноќта, учествувале Одделот за криминалистичка полиција при МВР, сите сектори за внатрешни работи и повеќе инспекциски служби.

При контролите, според досегашните сознанија, биле утврдени неправилности поврзани со противпожарната заштита, како и блокирани влезови и излези во одредени објекти. За дел од нив биле изречени глоби и забрани за работа, а некои биле и затворени.

Во одредени локали биле затекнати и малолетници на кои, според неофицијалните информации, им бил послужен алкохол. Дополнително, бил откриен и објект за нелегално онлајн обложување.

Во рамки на акцијата биле извршени претреси, а повеќе лица биле лишени од слобода. Засега нема официјални информации за точниот број на приведени лица, ниту за сите локации опфатени со контролите.

Овие активности следуваат по координираната акција во изминатите два дена насочена кон сузбивање на недозволената трговија со дрога и оружје.

Повеќе детали за резултатите од контролите и евентуалните кривични пријави се очекуваат од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни