Редок розов дијамант ќе биде изложен во Франција за првпат откако бил украден пред речиси еден век, кога последен пат бил прикажан пред јавноста.
Скапоцениот камен од девет карати, во облик на круша, познат како „Гран Конде“, бил украден во ноќна кражба во замокот Шантији во октомври 1926 година. По кражбата, дијамантот бил скриен во издлабено јаболко.
Еден од ретките примероци на кралски накит што ја преживеале Француската револуција бил пронајден неколку недели подоцна, кога гладна собарка во хотелот во кој престојувале крадците загризала од јаболкото.
Дијамантот повторно ќе биде изложен во музејот „Конде“, во замокот Шантији, до 3 јануари.
Директорот на музејот, Матје Делдик, изјавил дека, иако приказната за јаболкото можеби звучи неверојатно, весниците во тоа време опширно известувале за неа.
Делдик се соочил и со прашања дали изложбата можеби „ја предизвикува судбината“, имајќи предвид дека во последните 12 месеци се случија низа кражби во европски културни институции, меѓу кои и кражбата на накит од парискиот музеј Лувр среде бел ден.
Иако за Си-Ен-Ен не сакал да открие на колкава сума е осигуран дијамантот, тој истакнал дека биле спроведени обемни научни истражувања на неговите карактеристики, со цел да се овозможи негова единствена идентификација.
Според музејот, дел од изложбената поставка ќе бидат и резултатите од анализите, како и досега невидени архивски материјали за историјата на скапоцениот камен и неговата кражба.
Природните розови дијаманти се исклучително ретки, а нивната вредност често се мери во десетици милиони долари. Според податоците на аукциската куќа „Сотби“, највисоката цена досега постигната на аукција за ваков дијамант изнесувала 71,2 милиони долари во 2017 година.
Точното потекло на дијамантот „Гран Конде“ и натаму останува мистерија.
Според податоците од замокот Шантији, скапоцениот камен првпат се споменува во 1740 година, во пописот на имотот на Луј Втори Бурбон, принцот од Конде, направен по неговата смрт.
Подоцна, дијамантот станал дел од колекцијата на кралицата Марија Амалија од Неапол и Сицилија, сопруга на францускиот крал Луј Филип Први. Потоа преминал во сопственост на нејзиниот син, принцот Анри Орлеански, војводата од Омале.
Тој го оставил дијамантот во наследство на Институтот на Франција, кој денес е сопственик на замокот Шантији, лоциран на 50 километри северно од Париз, како и на илјадници уметнички дела и ракописи што ја сочинуваат колекцијата на музејот „Конде“.