Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонски разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп му ветил дека ќе ги уништи силите на Исламската држава во Сирија. Трамп на Твитер објави дека Ердоган многу убедливо го информирал оти ќе ги уништи сите остатоци на ИД во Сирија.
Кабинетот на Ердоган објави дека двајцата претседатели во разговорот се договориле да продолжи блиската воена и дипломатска координација со цел да спречат појава на вакуум на власта во регионите под контрола на силите на сириските Курди, како и да оневозможат некој да го искористи повлекувањето на американските војници од Сирија.
