Македонија

Над 134 илјади нерешени предмети во судовите, само 13 од 425 претставки до Судскиот совет биле основани

Над 134 илјади нерешени предмети во судовите, само 13 од 425 претставки до Судскиот совет биле основани

Судовите во Македонија ја завршиле 2025 година со 134.610 нерешени предмети, додека од вкупно 425 претставки по кои постапувал Судскиот совет, само 13 биле оценети како основани. Ова го покажуваат податоците од годишните извештаи што денеска ќе се најдат пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

На дневен ред на Комисијата се Годишниот извештај за работата на Судскиот совет и Извештајот на Судскиот буџетски совет за реализацијата и трошењето на средствата од судскиот буџет за 2025 година.

Според извештајот, во текот на минатата година до Судскиот совет биле поднесени 90 нови барања за поведување постапка за утврдување одговорност, кои опфаќале вкупно 161 судија. За секое барање бил формиран посебен предмет, а по него постапувала тричлена комисија составена од членови на Советот, избрани по пат на ждрепка.

Во истиот период Судскиот совет постапувал по 425 претставки од граѓани, од кои само 13 биле оценети како основани, додека останатите биле отфрлени како неосновани.

Најголем дел од претставките се однесувале на незадоволство од донесените судски одлуки, односно на прашања што вообичаено се предмет на жалбена постапка. Дел од граѓаните се жалеле и на одолговлекување на судските постапки, како и на непочитување на законските рокови за преземање процесни дејствија.

Податоците за работата на судовите покажуваат дека на почетокот на 2025 година имало 134.729 нерешени предмети. Во текот на годината пристигнале дополнителни 540.122 нови предмети, со што вкупниот број предмети во работа достигнал 674.851.

Од нив, судовите успеале да решат 540.241 предмет, додека на крајот на годината останале нерешени 134.610 предмети. Дополнително, во евиденцијата биле регистрирани и 217 погрешно заведени предмети.

Овие податоци, заедно со извештајот за трошењето на судскиот буџет, ќе бидат предмет на разгледување пред пратениците во надлежната собраниска комисија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни