Македонија

Трифонов: Бугарија ќе дозволи влез на Македонија во ЕУ, ако САД ги укинат визите за Бугарите

Лидерот на бугарското движење „Има таков народ“, Слави Трифонов денеска преку Фејсбук објава побара на Бугарија да и се укинат визите за САД и земјата да влезе во Шенген зоната, во замена да се тргне ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. 

„Бидејќи Американците толку многу ја сакаат Северна Македонија во Европската Унија, нека на граѓаните на Бугарија, како и на граѓаните на повеќето земји во Европската Унија, не им требаат визи за да одат во Америка. Односно, ние сме полноправна членка на ЕУ и бугарските граѓани, бидејќи се Европејци, не им требаат визи за да одат во Америка. И второ, повторно, бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната”, пишува Трифонов.

Тој додава дека исполнувањето на овие два услови од страна на САД и ЕУ, како и исполнувањето на Договорот за добрососедство од македонска страна ќе бидат доволни за Бугарија да дозволи Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ. 

Трифонов најавува дека на 10 јануари ќе се одржи советодавен состанок на тема Северна Македонија кај претседателот на државата Румен Радев.

Засега неизвесно е дали неговата партија официјално ќе го поднесе овој предлог на разгледување, но вели дека „сите ги притискаат да попуштат“ во спорот. 

Во постот на социјалната мрежа Трифонов исто така, наведува дека „стотици илјади Македонци имаат бугарски пасоши“.

„Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти“,  заклучува Трифонов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни